
Вандализмот во училиштата е хроничен и упорен проблем, најчесто присутен за време на тинејџерските години. Може да се манифестира во различни форми, од графити на ѕидовите до уништување на имот, како што се компјутери, оставјајќи потенцијално хроничен удар врз образовните институции и заедниците околу нив. Но, покрај материјалната штета, проблемот со вандализмот е многу подлабок и бара внимание и акција од општеството, особено од училиштето. Не станува збор само за поправање на скршени прозорци, бојадисување на ѕидовите или купување нови компјутери - туку за справување со корените на проблемот и развивање на чувство на одговорност меѓу тинејџерите.
За да започнеме, важно е да разбереме од каде потекнуваат таквите деликтни однесувања, како што е вандализмот. Трите главни извори од каде потекнува вандализмот се исти како и изворите на општата тинејџерска делинквентност: семејството и проблемите со кои се соочуваат, социјалните проблеми во општеството и влијанието на врсниците. Исто така, важно е да се спомене дека најчесто тинејџерот не започнува одеднаш со вандализам во адолесценцијата, туку делинквентноста обично има знаци уште од предшколска и основна школа, секој пат со различни манифестации. Ова ја истакнува важноста на превенцијата и приближувањето до проблемите пред да прераснат во посериозни форми на деликтно однесување, како што е вандализмот.
Сепак, често се справувањето со инциденти на вандализам во училиштата се решава со мерки за одвраќање на сторителите, како што се добрата осветленост во училишните дворови, употреба на камери и следење на училишните простори. Иако многу пати таквите мерки можат да изгледаат успешни, тие всушност не ја третираат „болеста“, туку „симптомот“.
За да се справиме со феноменот на вандализмот во училиштата, најважно, како и кај речиси сите феномени на тинејџерска делинквентност, е превенцијата.
Образовните програми насочени кон зголемување на свесноста за последиците од вандализмот и промовирање на почитување на јавните простори можат да бидат ефективни. Понатаму, создавањето чувство на одговорност и сопственост кај учениците кон својата училишна средина игра централна улога во борбата против тинејџерскиот вандализам. Кога тинејџерите ќе почувствуваат лична поврзаност со своето училиште, помалку е веројатно дека ќе се вклучат во однесувања кои можат да му наштетат. Поттикнувањето на учениците да бидат горди на своето училиште преку иницијативи како што се проекти за чистење на заедницата и сликање на мурали не само што го убавува училиштето, туку и го зголемува чувството на припаѓање и одговорност кај тинејџерите. На крајот, улогата на државата е исто така важна, со дизајнирање и имплементација на превентивни програми насочени кон вклучување на тинејџерите во воннаставни активности (на пр. уметност, спорт, еколошко образование) кои ги стимулираат нивните интереси и ја развиваат нивната креативност.
Тинејџерскиот вандализам е комплексен проблем со далекосежни последици, но не е непремостлив. Со справување со корените на проблемот и поттикнување на чувство на одговорност и припаѓање кај тинејџерите, можеме да создадеме побезбедни и подобри училишни средини каде што преовладуваат почитувањето и соработката.
Commenti